Ѓоковиќ казнет за неспортско однесување, но тоа е ситница во однос на она што го заработи

Најдобриот тенисер на светот и финалистот на годинешниот УС Опен, Новак Ѓоковиќ, казнет е парично во износ од 6.000 американски долари поради неспортското однесување во текот на финалето во кое беше поразен од Данил Медведев со 3:0 во сетови.

Ѓоковиќ на УС Опен беше во потера по својот 21. гренд слем трофеј, со кој требаше да се одвои од Роџер Федерер и Рафаел Надал, кои имаат по 20. Се обиде да стане и првиот тенисер по 1969 година и Род Лејвер кој успеал да го освои календарскиот Гренд слем, но Медведев не му даде шанса да додаде нов трофеј по Австралија Опен, Ролан Гарос и Вимблдон.

Ѓоковиќ во текот на целиот меч имаше подредена улога, а на момент искажуваше и немоќ и лутина. Еден од примерите е и кршењето на рекетот, за што се претпоставува и дека е всушност „неспортското однесување“ поради кое е казнет.

За потсетување, со влегувањето во финалето на УС Опен Ѓоковиќ заработи 1,25 милиони долари, па оваа казна воопшто нема да му биде проблем.