Ѓоковиќ ја заврши сезоната со титула

Иако не е на првото место на АТП листата, Новак Ѓоковиќ уште еднаш покажа дека е најдобар тенисер во светот.

Со максимален ефект и со триумф против Каспер Руд вечерва, Србинот ја освои титулата на завршниот Мастерс во Торино, потврдувајќи ја својата доминација на теренот. За околу 90 минути, славеше со 2-0 (7-5, 6-3) и стана највозрасен шампион на овој турнир кој трета година по ред се одржува во Торино.

Со освојувањето на трофејот во италијанскиот град, Ѓоковиќ го собори и рекордот за награден фонд на еден турнир во историјата на тенисот бидејќи ќе прими чек од 4.740.300 долари. За него ова беше петта титула во 2022 година која ќе ја заврши на петтото место на АТП листата, но нема да биде чудо ако веќе на стартот на 2023 се врати на челната позиција бидејќи не брани ниеден бод на Австралија Опен и на Мастерсите во Индијан Велс и Мајами.