Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ го откажа својот настап на претстојните турнири во Кина кои се на програмата пред крајот на септември и на почетокот на октомври.
На 25 септември стартува Кина Опен во Пекинг, а од 2 до 9 октомври се одржува Мастерсот во Шангај. Ѓоковиќ нема да настапи на ниеден од овие два турнира и ќе се подготвува за финишот од сезоната.
Неучеството во Кина нема скапо да го чини српскиот тенисер бидејќи таму не играше ни лани и не брани бодови од овие два турнира. Проблемот е во тоа што својот настап го најави Карлос Алкарас кој, исто така, лани не играше во Пекинг и Шангај и потенцијално може да освои 1.500 бода со што значајно ќе ја намали разликата во однос на првопласираниот Ѓоковиќ.
До крајот на сезоната, Србинот ги брани титулите во Тел Авив, Астана и на завршниот Мастерс и брани финале во Париз, односно вкупно 2.850 бода и ќе има голем проблем да го сочува првото место до завршувањето на 2023 година.