Ѓоковиќ изгуби 640 бода, но и натаму е убедливо прв

Поразот од Данил Медведев во полуфиналето од Мастерсот во Синсинати го чинеше Новак Ѓоковиќ 640 бода имајќи предвид дека ја бранеше титулата на овој турнир.

И покрај тоа неговата предност во однос на Рафаел Надал и Роџер Федерер е убедлива. На Шпанецот му „бега“ речиси 4.000, а на Федерер речиси 5.000 бода. Сепак, мора да се знае дека до крајот на оваа сезона Ѓоковиќ брани уште три титули и едно финале или вкупно 4.600 бода. Титулите му се од УС Опен, Мастерсот во Шангај и завршниот Мастерс во Лондон, а финалето му е од Мастерсот во Париз.

За разлика од него Надал брани само 720 бода освоени во полуфиналето на УС Опен. Тој беше повреден лани во вториот дел од сезоната и не настапи на ниеден турнир, па сега може само да го полни своето конто. До крајот на сезоната има уште неколку интересни турнири на кои шпанскиот ас може да искористи и да го нападне првото место на Ѓоковиќ. Јасно е дека ќе му треба многу успех и среќа за да го стигне Србинот.

Што се однесува до Федерер, тој веќе загуби 510 бода во Синсинати, но брани само 180 во Њујорк и потоа уште 1.620 до крајот на сезоната, меѓу кои и една титула, во Базел.