Ѓоковиќ имаше среќа, Надал ќе се мачи да го одбрани првото место

Ждрепката за завршниот турнир од АТП турот оваа сезона што ќе се одржи во Лондон, му донесе поповолна група на Новак Ѓоковиќ кој се надева дека ќе успее да се врати на првото место.

Србинот за противник во групата „Бјорн Борг“ ќе го има ветеранот Роџер Федерер, Доминик Тим и Матео Беретини. Со оглед на моменталната форма и билансот со овие тројца тенисери, реално е да се очекуваат максимални три победи и 600 бода од групната фаза.

На другата страна, Надал ќе се бори против тенисерите од новиот бран кои играат се подобро последните месеци. Пред сите, во неговата група „Андре Агаси“ е најдобриот играч во вториот дел од сезоната Данил Медведев, потоа Стефанос Циципас и Александер Зверев.

Турнирот почнува в недела со мечевите меѓу Ѓоковиќ и Беретини, односно Федерер и Тим. Надал во моментов има 640 бода предност пред Србинот на АТП листата. Секоја победа во групната фаза носи по 200 бода, победа во полуфиналето 400, а во финалето 500 бода. При максимален ефект на Ѓоковиќ, на Надал ќе му треба најмалку пласман во финалето за да остане прв до крајот на сезоната.