Ѓоковиќ го освои Париз, го прескокна Надал и испиша историја

Првиот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, по седми пат во кариерата го освои АТП турнирот од серијата Мастерс 1000 во париски Берси. Во финалето го надигра вториот светски рекет Русинот Данил Медведев со 4:6, 6:3 и 6:3.

Ѓоковиќ во Париз славеше и во 2009, 2013, 2014, 2015 и 2019, додека Медведев ја бранеше минатогодишната титула. За Ѓоковиќ ова е вкупно 37-ма титула на турнирите од серијата Мастерс 1000 со што самостојно се издвои на врвот во оваа категорија. Досега тој и Рафаел Надал го делеа првото место со по 36 титули.

На српскиот играч, кој уште во саботата го осигура првото место на АТП листата на крајот од годината, ова му е вкупно 86-ти освоен турнир во кариерата. За Ѓоковиќ и Медведев ова беше 10-ти меѓусебен дуел, а скорот сега е 6:4 во корист на Ѓоковиќ. Во 2021 година се соочија три пати, секојпат во финалето, на Австралија Опен поуспешен беше Ѓоковиќ, а на УС Опен Медведев.