Новак Ѓоковиќ изјави дека настапот на Австралија Опен на почетокот на 2023 година, на Грен слем турнирот на кој му беше забранет настап на почетокот на оваа година, не е во негови раце. Тој го коментираше и пензионирањето на неговиот голем ривал Роџер Федерер.
„Не можам многу да ви кажам за настапот на Австралија Опен следната година. Таквата одлука не е во мои раце. Можам само да се надевам дека ќе бидам на терените во Мелбурн”, им рече Ѓоковиќ на новинарите во Лондон, каде што е на Лејвер куп, кој ќе се одржи од 23 до 25 септември.
Годинава Ѓоковиќ доби забрана за учество на Австралија Опен и УС Опен поради неговото одбивање да се вакцинира против коронавирусот. Го освои Вимблдон, а инаку е рекордер по број на титули на Австралија опен, каде што во кариерата освои дури девет пати (2008, 2011, 2012, 2013, 2015, 2016, 2019, 2020 и 2021 година).
Ѓоковиќ беше прашан и за неговиот ривал на теренот, Роџер Федерер, кој пред неколку дена најави повлекување од тенисот.
“Секогаш ќе има дебата за тоа кој е најдобар на сите времиња, но тоа им го оставам на другите како тема. Но, влијанието на Федерер врз тенисот беше огромно. Тој не е само еден од најдобрите тенисери на сите времиња, туку и еден од најголемите спортисти на сите времиња. Неговата популарност на теренот и надвор од него е огромна и говори сама за себе. Стилот на неговиот тенис беше совршен“, се осврна на Федерер 35-годишниот српски тенисер.