Ѓоковиќ: Чувствувам присуство на ангели чувари, се молам да ме поддржат во Париз

Новак Ѓоковиќ денес го слави својот 35-ти роденден во Париз каде се подготвува за одбрана на шампионската титула на Ролан Гарос. Во неговиот дел од ждрепката се наоѓаат Рафаел Надал, единствениот тенисер со повеќе гренд слем титули од него, и Карлос Алкараз, новата шпанска тениска сензација.

Ѓоковиќ во случај да ја освои титулата ќе се израмни со Надал на врвот на неверојатната листа со 21 гренд слем титула, а во пресрет на турнирот со новинарите во роденденското интервју поразговара на различни теми, најмногу за оние езотеричните.

„Три плус пет е осум а осум е бројот кој симболизира и означува вечност. Така јас се чувствувам дека можам да играм тенис вечно“.

Запрашан за кои три ставки би ги издвоил како најважни во животот, тој одговори дека на прво место му е љубовта.

„Љубовта е на прво место. Таа е најголемата можна вредност, чувство. На второто место се мирот, хармонијата и согласноста. Третата најзначајната ставка би била простувањето“.

Најдобриот тенисер на светот во моментов има точно 1.000 победи и во Париз ја брка 1.001-та во кариерата.

„За бројот 1.001 велат во нумерологијата дека е број кој ве поврзува со ангелите чувари. Тие се тука. Го чувствувам нивното присуство и им се молам да ме поддржат во Париз“.