Го сменија брендот, но не и навиките: Еурофарм Пелистер загуби минимално од ППД Загреб

Екипата на Еурофарм Пелистер денеска го имаше своето официјално деби под новото име по официјализацијата на фузијата помеѓу екипите на Еурофарм Работник и Пелистер.

Сепак, ниту тоа не му донесе среќа на новиот битолски бренд, кој како да е претплатен сезонава да губи минимално и во неизвесна завршница, без разлика дали станува збор за Лигата на шампионите или СЕХА лигата.

Еурофарм Пелистер како наследник на Еурофарм Работник го забележа и петтиот пораз во низа, откако денеска во Битола загуби од ППД Загреб со 27:28.

Гостите од Хрватска подобро го започнаа мечот, избраниците на Веселин Вујовиќ експресно дојдоа до три, а потоа и до четири гола разлика, која ја одржуваа се до заминувањето на полувремето кога резултатот гласеше 12:16.

Во второто полувреме домаќините заиграа подобро, успевајќи да се доближат и на минус еден гол негатива, но потоа не успеаја да искористат три напади за израмнување на резултатот. Во последните пет минути од мечот се играше гол за гол, гостите беа тие кои ја имаа предност и успеаја на крајот и да ја задржат и покрај притисокот кој го наметна Еурофарм Работник, со што „плинарите“ дојдоа до победа од 27:28.

Остроушко со седум гола беше најефикасен стрелец кај Еурофарм Пелистер, а имаше голема помош од Ѓукиќ кој заврши со пет гола. Кај гостите, а воедно и на мечот, убедливо најдобар беше капитенот Хорват со десет гола од исто толку обиди.