Го напушти Вардар за да потпише со вториот тим на Еурофарм Пелистер: Димитриоски се пресели во Битола

Македонскиот репрезентативец Димитар Димитриоски е нов член на Еурофарм Пелистер 2. Овој ракометар се обврза на договор на една сезона и веднаш ќе се приклучи на подготовките со своите нови соиграчи и стручниот штаб на чело со Александар Јовиќ.

Димитриоски доаѓа во Битола од Вардар 1961, клуб со кој минатата сезона ја освои Суперлигата и Купот на Македонија. Во новата средина Димитриоски ќе ја смени и својата улога и ќе игра на позиција среден бек.

23-годишниот прилепчанец повеќе од пет години ги бранеше боите на клубот од Автокоманда. Прво настапуваше за Металург Јуниор, а три сезони беше дел од првиот тим на Металург, настапувајќи во Лигата на шампионите и СЕХА лигата.

Клубот ќе го претстави Димитар Димитриоски во текот на неделата со церемонија во клупските простории.