Германците ја загубиле довербата во репрезентацијата

Помалку од десет милиони Германци, или 9,23 милиони од нив, го гледаа поразот на нивната репрезентација од Јапонија (2:1) во првиот меч на Светското првенство во Катар, што е многу помала публика во однос на 2018 година.

Натпреварот во средата попладне собра помалку од 60 отсто гледачи (59,7 отсто од пазарниот удел) на јавниот телевизиски канал АРД, односно помалку од десет милиони луѓе, соопшти таа телевизија.

Пред четири и пол години, првиот меч на Германија во Русија против Мексико (пораз 1:0), кога беа актуелни светски шампиони, привлече речиси 26 милиони гледачи (81,6 удел на пазарот).

Во Германија, каде што повиците за бојкот на Мундијалот во Катар беа многубројни, публиката беше „во слободен пад“ од почетокот на Мундијалот.

Воведниот натпревар меѓу Катар и Еквадор во неделата попладне го следеа само 6,21 милиони гледачи (помалку од 30 отсто од пазарниот удел), додека првиот натпревар на Светското првенство во 2018 година меѓу Русија и Саудиска Арабија го следеа десет милиони гледачи.