Гаљардо за Барселона: Никој не ми се јавил

Пред само неколку дена шпанските и аргентинските медиуми ја пренесоа информацијата дека најдобриот тренер во Јужна Америка и еден од најдобрите во светот, Марсело Гаљардо, веќе до крајот на годината би можел да го замени Ернесто Валверде на „Камп Ноу“.

Меѓутоа, освојувачот на Копа Либертадорес со Ривер Плата ги демантираше тие наводи, со образложение дека од Каталонија никој не го контактирал.

„Ниту една страна ми се нема обратено за да почнат било какви преговори. Нас сега не очекуваат многу важни мечеви и тоа е она на што сум фокусиран. Не можам да размислувам за шпекулации. Но, можам да ви кажам дека никој не ми предложил никаков состанок“, изјави Гаљардо.

Веќе долго време се најавува дека Барселона би можела да го смени Ернесто Валверде. Неговото заминување се најавува бидејќи Барса не игра на очекуваното ниво. Претходниот викенд беше поразена од Леванте во Ла Лига, а во вторникот освои само бод против Славија Прага во Лигата на шампионите. На Валверде му се замерува што е премногу очигледно дека Барселона зависи исклучиво од Меси, а притоа не успеа да го воигра Филипе Кутињо, истиот проблем го има и со Антоан Гризман, а и Дембеле и Де Јонг се мачат да ја пронајдат вистинската форма.