Фуриозно второ полувреме, Вардар со пресврт го победи Елверум

Екипата на Вардар по серијата лоши резултати, конечно успеа да забележи победа во Лигата на шампионите, откако вечерва на домашен терен, но номинално како гостин, успеа да го совлада Елверум со 32:35.

Вардарци одиграа лошо прво полувреме, одбраната повторно беше најголемиот проблем, но избраниците на Стевче Алушовски успеаја да се консолидираат во вториот дел и со фуриозна игра, многу подобар пристап во одбраната и фуриозниот напад во финишот успеа да дојде до долго очекуваната победа.

Вардар подобро го отвори мечот, на самиот старт успеа да дојде и до два гола предност, извесен период се играше гол за гол, за „Црвено-црните“ да влезат во една мини серија и да поведат со три гола разлика. Но, од тој момент започнаа грешките, голманот на Елверум успеа да влезе во добра серија со 10 интервенции, а „домаќините“ тоа го искористија и од половина на првото полувреме не го испуштаа водството кое во еден момент изнесуваше четири гола разлика (18:14), за на полувреме да се замине со 20:17.

Во второто полувреме, потполно поинаква слика на теренот. По само десетина минути игра Вардар успеа да го израмни резултатот и израмни на 24:24, а од тој момент, па до крајот беше навистина драматично на теренот. Кантрегел успеа да собере пет интервенции, но неговите соиграчи не го искористија тоа, Калараш ја влоши ситуацијата откако заработи црвен картон во период кога Елверум водеше со 31:30, а капак на се беше кога Чупиќ промаши седмерец, па Елверум поведе со 32:30.

Но, Вардарци не се откажуваа и до крајот успеаја да одиграат фуриозно во финишот, правејќи серија од 5:0. Најпрво Шеваљевиќ погоди атрактивно, Елверум направи пробивање, а Георгиевски со својот гол го израмни резултатот. Кај Норвежаните преовладеа нервозата, а тоа го искористи Георгиевски за нов гол и водство на Вардар од 32:33 на две минути до крајот. Елверум не успеа да погоди кога беше најважно, по што Вардар рутински во финишот дојде до 32:35.

Најдобар поединец во редовите на Вардар беше Дибиров со девет погодоци, Георгиевски постигна шест, а Чупиќ, Шеваљевиќ и Гаџа постигнаа по четири. Кај Елверум најдобри беа Пујол и Мате со по пет погодоци.