Фудбалерот на Баерн Минхен ќе отсуствува поради срцеви проблеми

Првиот натпревар во 2022 година заврши неуспешно, откако Баерн потклекна пред Борусија Менхенгладбах, а пред вториот дозна дека на околу еден месец нема да може да смета на Алфонсо Дејвис. Пред патот во Келн, на мечот од 19 коло во Бундеслигата, тренерот Јулијан Нагелсман објави дека левиот бек е отсутен поради срцеви проблеми.

Пред само неколку недели Дејвис боледуваше како последица од Ковид-19, за на редовното тестирање, пред планираното враќање во тренажен процес, утврдено е благо воспаление на срцевиот мускул. На „Алијанц Арена“ уверуваат дека не станува збор за нешто драматично, но повикуваат на внимание и прецизираат дека сакаат да ги испитаат сите околности, со намера да утврдат дали и кога Дејвис ќе може да се врати на теренот.

Голема е веројатноста овој проблем да е директно предизвикан од коронавирусот. Во секој случај, јасно е дека Алфонсо нема да тренира неколку недели, иако се очекува да биде подготвен за двомечот со Салцбург во осминафиналето од Лигата на шампионите.