„Франс Фудбал“ за следната година го менува правилото при изборот за „Златната топка“

„Франс Фудбал“ подготвува промена на правилата во изборот за „Златната топка“. Следната година планира да го продолжи гласањето до декември поради Светското првенство во Катар кое започнува на 21 ноември и ќе трае до 18 декември.

Во календарот на фудбалски настани Светското првенство е најважниот настан во сезоната, па се чини логично што на темелот на тоа ќе се донесе одлуката за најдобар фудбалер за 2022 година. Таа одлука на крајот би можела да биде кобна за Роберт Левандовски, кој според многумина е најдобриот фудбалер на светот во последните две години, но е игнориран од „Франс Фудбал“. Левандовски во март игра бараж со Полска за пласман во Катар, а и да заигра таму, не е реално да се очекува Полјаците да дојдат до самата завршница на турнирот, што во изборот за „Златната топка“ би можело да им одговара на други играчи кои играат за поголеми и посилни репрезентации.

За потсетување, Лионел Меси вчера по седми пат ја освои „Златната топка“ и му побегна дополнително на Кристијано Роналдо, кој остана со пет освоени трофеи.