Фрајбург го „откачува“ Штрајх, најтрофејниот тренер во клупската историја

Кристијан Штрајх, тренерот на германскиот Бундеслигаш Фрајбург, ќе го напушти клубот на крајот од сезоната, по 12 години на клупата.

Штрајх (58) првпат му се приклучи на клубот како играч, пред да стане нивни младински тренер во 1995 година. Функцијата тренер на првиот тим ја презеде во јануари 2012 година.

Под водство на Штрајх, Фрајбург го доживеа најпросперитетниот период во својата историја. Во сезоната 2022/23 тој го однесе клубот во осминафиналето на Лига Европа (ЛЕ), за прв пат во клупската историја, а тој подвиг го повтори и сезонава.

Повторно под негово водство, Фрајбург беше најблиску до наголемата титула во клупската историја, играјќи во финалето на Купот на Германија 2022 година, во кое загуби од Лајпциг, на пенали.

„Кристијан Штрајх го напушта Фрајбург на крајот од сезоната, по 29 години тренерска работа“,  објави клубот на Инстаграм.

Во врека со тоа се огласи и Штрајх, во видеото објавено на клупските социјални мрежи: „Овој клуб е мојот живот… Со тешко срце можам да објавам дека нема да ја продолжам работата како тренер на Фрајбург. По 12 години, вистинско време е да се воведе нова енергија, нови луѓе, нови можности. Верувам дека и на играчите им е потребна нова енергија“, додаде тој.

Фрајбург вчера беше поразен дома од Баер Леверкузен со 2:3, а минатата недела беше елиминиран од Лига Европа (ЛЕ), од Вест хем со вкупни 1:5.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО