(ФОТО+ВИДЕО) Тага и неверување во Барселона: Навивачите плачат по Меси

Цела ноќ пред тренинг базата на Барселона имаше навивачи кои не ја криеја својата тага поради се поверојатното заминување на најдобриот во историјата на фудбалот.

Клубот веќе соопшти дека Лионел Меси нема повторно да го облече дресот на Барса и ги објасни причините за тоа, а по првичниот шок, работите почнаа да им слегнуваат на најголемите фанови на каталонскиот клуб. Во прв момент многумина сметаа дека станува збор за психолошка војна со Ла Лига, но како што минува времето, станува јасно дека нема назад.

Со оглед на тоа што има 34 години, јасно беше дека разделбата со Меси е се поблиску, но никој не ни помисли дека таа може да биде ваква. Најдобриот на сите времиња требаше да добие најголема почест од навивачите и да биде испратен од теренот, со спектакл на кој ќе присуствуваат 100 илјади луѓе. Ова е најтажната разделба на сите времиња.