(ФОТО/ВИДЕО) Спектакл на Јапонците, Игрите во Токио започнаа со маестрална манифестација

Официјално се отворени најчудните Олимписки игри во досегашната историја, а за тоа е виновна пандемијата на Ковид-19, која ги одложи Игрите за повеќе од 12 месеци, а ги принуди педантните Јапонци да воведат „мал милион“ протоколи за спречување на ширење на заразата и заштита од вирусот. Но, сето ова ги прави овие ОИ посебни, кои ќе се паметат долго време и кои за првпат се одржуваат во непарна година. Јапонија и Токио не се предадоа и останаа одлучни во намерата да го приредат најголемиот спортски спектакл на светот, кој беше отворен на соодветно спектакуларен начин, иако недостасуваа аплаузите од трибините…

Новоизградениот Олимписки стадион, кој ги чинеше домаќините милијарда и пол долари, ги пречека најдобрите спортисти на светот. Неизбежен беше и спектакуларниот огномет и шоуто со дронови.

 

Симболично, олимписките кругови во Токио беа направени од дрво кое израсна од семето кое меѓународните спортисти го донесоа и го засадија кога овој град претходниот пат беше домаќин на Игрите, во далечната 1964 година.

Се одржа и минута молк за сите оние кои страдаа за време на пандемијата. Но, останува надежта дека следните Игри ќе се одржат во нормални услови. А дотогаш, ни останува да го извлечеме максимумот и да уживаме во овие необични Олимписки игри, за првпат одржани во едни вакви услови.

На отворањетопродефилираа и македонските олимпијци предводени од таеквондистот Даниел Георгиевски и џудистката Арбреша Реџепи.