(ФОТО) Потези за поздрав – како ФФМ им помогна на македонските одбојкари?

Македонската одбојкарска селекција на своето трето учество на едно ЕП успеа да се избори за пласман во втората фаза. Токму до овој успех дојдовме на домашен терен, во групата Ц која што се играше во Скопје.

Избраниците на Јошко Миленковски со две победи над Данска и Црна Гора го визираа патот до пресметка со Италија. Актуелниот европски и светски првак ќе ни биде домаќин во Бари веќе во сабота со почеток од 18:00 часот.

Во пресрет на последните два дуели од групата против Холандија и Чешка нашиот национален тим се соочи со проблем. А истиот беше капитенот и нашиот најдобар играч, Никола Ѓоргиев.

Како што е познато Ѓоргиев го пропушти мечот со Холандија поради повреда, но по максимални напори беше ставен во стројот за Чешка. Се очекува да биде подготвен и за мечот со Италија.

А за да тоа така биде меѓудругите се погрижи и ФФМ, поточно физиотерапевте од нашата фудбалска селекција. Станува збор за Никола Апостоловски, инаку своевремено незаменлив дел од ракометниот клуб Металург.

-Чест и задоволство е да се работи со најдобриот – напиша Апостоловски со заедничка фотографија со Ѓоргиев направена по третман.

Кога сме кај ФФМ да кажеме дека нивниот автобус, поточно оној кој што ги вози нашите фудбалери ги однесе за Бари. За среќа до таму нема да патуваат по копнен пат како многупати досега, туку само до скопскиот аеродром.