Флорентино Перез го контактирал Роналдо по мечот меѓу Јувентус и Милан

Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо се најде во центарот на вниманието по натпреварот меѓу Јувентус и Милан.

Сепак, овојпат Роналдо не беше во центарот на вниманието поради добрите игри или головите, туку поради тоа што Маурицио Сари го извади од игра веќе во 55. минута. На Роналдо тоа не му се допадна и луто го напушти теренот и веднаш се упати кон соблекувалната.

Меѓутоа, Роналдо не застана тука. Португалецот пред завршувањето на мечот се одлучил да го напушти стадионот и си заминал дома. Овој потег ги разочара челниците на клубот кои јасно порачаа дека Роналдо не смее така да се однесува без оглед на неговиот статус.

Од Јувентус го предупредиле Роналдо дека таквото однесување нема повеќе да го толерираат, а по репрезентативната пауза тој ќе има обврска да им се извини на соиграчите и на тренерот поради своето однесување.

Секако, веднаш започнаа шпекулациите дека Роналдо на крајот од сезоната би можел да го напушти Јуве. Англиските медиуми објавија дека Манчестер Јунајтед ја следи целата ситуација и дека се подготвени да му понудат на Роналдо враќање на „Олд Трафорд“.

Денеска се јавија и медиумите во Шпанија кои тврдат дека Роналдо по две години би можел да се врати во Реал Мадрид. „Марка“ објави дека Флорентино Перез телефонски го контактирал Роналдо по скандалот со цел да провери дали е се во ред.

Но, не е познато дали Перез му понудил на Роналдо враќање во „Кралскиот клуб“ каде Португалецот остави неизбришлива трага. Сепак, јасно е дека сите тие шпекулации треба да се земат со доза на резерва.