ФИФА попушти под притисокот, Катар дозволи да се носат ЛГБТ капитенски ленти

Една од главните приказни на Светското првенство во Катар досега се капитенските ленти со ЛГБТК+ мотивите. За потсетување, седум репрезентации рекоа дека ќе носат ленти со пораката One Love, која ги поддржува правата на ЛГБТК+, но ФИФА се закани со санкции бидејќи тоа не е стандардна опрема.

Директорот на Фудбалската асоцијација на Велс, Ноел Муни, ја критикуваше ФИФА и рече дека заканувањето на играчите со жолти картони поради носењето на капитенските ленти на One Love е „страшна“ одлука. За потсетување, капитенот на репрезентацијата на Велс, Герет Бејл, требаше да ја носи лентата за да промовира инклузивност. Велс исто така ги критикуваше организаторите затоа што на нивните фанови им беше забрането да носат облека во боја на виножито. Сепак, ФИФА се чини дека потклекна пред тој притисок.

Имено, The Independent пишува дека ФИФА одлучила да дозволи облека во боја на виножито. Поточно, на националните здруженија им гарантираше дека на нивните навивачи кои ќе изберат да ја поддржат ЛГБТК+ популацијата со облека или знамиња ќе им биде дозволено да влезат на стадионот без да им ги одземат симболите на виножитото.