Светката фудбалска федерација (ФИФА) е во процес на постигнување спонзорски договор со саудиската нафтена компанија „Арамко“ во вредност од една милијарда долари, објави весникот „Тајмс“.
Саудиската државна компанија е на пат да стане најголемиот спонзор на ФИФА со годишна уплата од близу 100 милиони долари, во текот на 10 години.
Ваквите извештаи доаѓаат набргу откако ФИФА го отвори процесот за домаќин на Светското првенство (СП) 2034 година. Саудиска Арабија е единствениот кандидат за домаќин на тоа СП, откако Австралија се откажа од наддавањето по што ФИФА објави порелаксирана политика за стадионите со што значително и’ помогна при аплицирањето.
Со оглед на тоа што договорот ФИФА-Арамко допрва треба да биде потврден, сè уште не е јасно дали преговорите се одржале пред, за време или по кандидатурата на Саудиска Арабија за домаќин на СП 2034.
Саудиска Арабија следниот месец ќе биде домаќин на Светското клупско првенство. Потоа во 2025 година завршниот турнир ќе се пресели во САД, во нов формат со 32 клуба, што е драстична разлика од сегашниот турнир со седум екипи.