ФИА во Монца ја исправи грешката од Абу Даби, Волф задоволен

Шефот на Мерцедес, Тото Волф, денеска изјави дека е задоволен што Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) донела правилна одлука на трката во Формула 1 во Монца, по контроверзната последна трка од минатата сезона.

„Навистина сум задоволен што гледам дека има директор на трката и колеги кои ги спроведуваат правилата и покрај притисокот од медиумите и навивачите да ги прекршат правилата“, рече Волф, пренесе Скај.

На шест круга пред крајот на трката во Италија, Даниел Рикиардо од Мекларен го паркираше болидот до патеката, па безбедносното возило излезе на патеката, а трката не продолжи до крајот.

На неделната трка на патеката Монца победи актуелниот светски шампион Макс Верстапен од Ред Бул, додека возачите на Мерцедес Џорџ Расел и Луис Хамилтон го освоија третото, односно петтото место. Минатата сезона, на последната трка во Абу Даби, по излегувањето на безбедносното возило, трката продолжи на круг пред крајот, а тоа му овозможи на Верстапен да го заобиколи тогаш водечкиот Хамилтон и да ја освои првата титула во кариерата.

Волф додаде дека настаните во Абу Даби влијаеле на ФИА да се држи до правилата сега.

„Значи, барем Абу Даби во таа смисла даде сила да ги спроведе прописите“, рече тој.

По завршувањето на трката во Монца, од трибините се слушаа свирежи, а незадоволни од крајот на трката под безбедносното возило беа и директорите на Ред Бул и Ферари.

Во генералниот пласман на шест трки пред крајот води Верстапен со 335 бодови, втор е Шарл Леклер од Ферари со 219, а трет Серхио Перез од Ред Бул со 210 бодови.

Следната трка се вози на 2 октомври за Големата награда на Сингапур.