Фетел оди „All In“ – единствениот избор по Ферари или – пензија!

Откако вчера беше потврдено дека Себастијан Фетел по петгодишна соработка, го напушта тимот од Маранело, беше неизвесно кој ќе го наследи.

Циркулираа имињата на Даниел Рикиардо и Карлос Саинц, а денеска беше потврдено дека шпанскиот возач ќе седне во „црното коњче“ од Маранело од сезоната 2021.

Фетел си заминува, а зад него се тркалат неколку варијанти зошто тој всушност си оди.

Првата е дека неговата комуникација со Ферари пукнала откако сфатил дека тимот од оваа сезона ќе го фаворизира младиот Шарл Леклер, втората дека не му одговараат условите кои Ферари му ги понудиле, а третата шпекулација е дека Ферари едноставно сака подмладување во тимот и градење на млада екипа со која во иднина ќе ги напаѓа двојните титули.

Но пред Себастијан Фетел е еден и единствен избор, Мерцедес или пензионирање, а дел од аналитичарите веќе почнаа да шпекулираат со името на германскиот возач, за кој сметаат дека ќе направи финален обид да се пресели во Мерцедес, па доколку тоа не успее, Фетел ќе се повлече.

Од друга страна, Мерцедес изгледа во моментов доста комотно, Хамилтон е неприкосновен и недопирлив во тимот од Германија, додека Валтери Ботас е одличен „план Б“ играч во таква стратегија, и тешко е да се верува дека некој во Мерцедес ќе ја руши стекнатата хармонија и ќе го донесе Фетел, кој би бил евентуално проблем на Хамилтон на патеката.