Ферстапен: Ред Бул мора да се подобри

Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен, изјави дека неговата екипа мора да се подобри во преостанатите шест трки до крајот на шампионатот во Формула 1 ако сака да остане во борба за шампионската титула.

Ферстапен вчера во трката за Големата награда на Турција го зазеде второто место и сега има предност од шест бода во однос на Луис Хамилтон од Мерцедес, кој на „Истанбул Парк“ заврши петти. Во трката победи Валтери Ботас од Мерцедес. Болидите на Ред Бул во главно беа побрзи во првиот дел од сезоната, но не и во трките во Монца и Сочи.

„Мислам дека бевме на патеки кои повеќе му одговараа на Мерцедес, но имаше патеки кои беа по малку непознати, а тие беа пред нас. Мислам дека мораме да се подобриме, со цел да останеме во борба до крајот на сезоната“, изјави Ферстапен.

„Секако дека малку го средија својот болид па очигледно е дека имаат поголема брзина. Не можеме многу да направиме. Ние со тоа мораме да живееме, тоа нема да исчезне со магија, а ние, секако, ќе се обидеме да ја намалиме штетата во правците“, додаде холандскиот возач.

Мерцедес во главно правеше предност на правците и покрај тоа што Хонда ги унапреди своите мотори оваа година.

„Луис беше побрз на правец 15 до 20 километри на час“, изјави директорот на Ред Бул Кристијан Хорнер и наведен дека е „изненаден“ од темпото на Мерцедес.

Ред Бул неодамна постави прашања во врска со моторите на Мерцедес до ФИА. Мерцедес истакна дека ништо не менувал на новиот мотор, кој Хамилтон го користеше во Турција. Седумкратниот светски првак поради тој четврти мотор во сезоната беше казнет со додавање на 10 позиции, па трката ја стартуваше од 11 место.

„Кога имате брзина на правецот која е поголема отколку кога е отворен ДРС, тоа е прилично импресивно. На ФИА е да продолжи да ги анализира тие работи“, наведе Хорнер. Седумкратниот последователен шампион во конкуренција на конструктори Мерцедес е прв во генералниот пласман со 36 бода повеќе од Ред Бул. Следната трка во шампионатот се вози на 24 октомври на Големата награда на САД.