Ферстапен ја вжештува атмосферата: На сите начини се обидуваат да не забават

Ѕвездата на Ред Бул Макс Ферстапен ги прокоментира обвинувањата на другите екипи дека Ред Бул користи нелегални крилца на болидите.

ФИА поради сето ова најави истрага, но таа ќе започне дури по следната трка во Азербејџан, што значи дека Ред Бул нема да мора да менува ништо за време на таа трка.

„Јасно ми е дека на сите сме им трн во око по добрите резултати оваа сезона. Јасно ми е дека сите се жалат, но се е во рамките на правилата. Нашиот болид е целосно легален. Секако, прават се за да не забават, но не правиме ништо што не го прават и другите екипи“, изјави Ферстапен.

Младиот Холанѓанец во моментов е водечки во вкупниот поредок со четири бода повеќе од Луис Хамилтон кој во Монте Карло заврши на слабото седмо место.

„Мерцедес можеби немаше најдобар викенд во Монте Карло, но тие и понатаму се страшно брзи. Многу сум среќен што сум прв, но важно е кој ќе бидам на крајот од сезоната. Монако не е нивна трка бидејќи не им одговара на болидот, но сите останати трки ќе бидат и понатаму страшно опасни“, изјави Ферстапен.

Големата награда на Азербејџан се вози овој викенд.