Ферстапен ја доби тактичката битка со Хамилтон и има 12 бода предност на врвот

Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен ја оствари осмата победа во сезоната откако триумфираше на трката во Остин, Тексас пред 140 илјади навивачи.

На Големата награда на САД се водеше вистинска тактичка борба меѓу Ред Бул и Мерцедес во која повеќе успех на крајот имаше првиот. Хамилтон одлично стартуваше, успеа да го престине Ферстапен и стекна предност од над една секунда во првиот круг.

По две влегувања во бокс, во финишот како првопласиран влезе Ферстапен, но со поистрошени гуми во однос на својот ривал. И покрај тоа, беше упорен, остана до крајот на патеката со истите гуми и стигна до победата со предност од нешто повеќе од една секунда.

Сега Ферстапен има 12 бода предност во однос на Хамилтон на пет трки пред крајот на сезоната. Следната се вози на 7 ноември во Мексико Сити.