Фернандо Алонсо ќе го замени Себастијан Фетел

Поранешниот двоен светски шампион во Формула 1, Шпанецот Фернандо Алонсо (41) од следната година ќе вози за Астон Мартин, соопштија од тимот денеска. Шпанецот, кој оваа сезона вози за Алпине, ќе го заземе местото на четирикратниот светски шампион, Германецот Себастијан Фетел, кој минатата недела најави повлекување на крајот од оваа сезона. Местото на Алонсо во Алпине се очекува да го пополни 21-годишниот Австралиец Оскар Пјастри, минатогодишниот шампион во Формула 2.

„Сè уште сум гладен и амбициозен да се борам да бидам на врвот и сакам да бидам дел од организација која е посветена на учење, развој и успех“, рече Алонсо во изјавата за Астон Мартин.

„Имам намера повторно да победувам во овој спорт и затоа морам да ги искористам можностите што ми изгледаат исправни“, додаде тој.

Сопственикот на тимот, канадскиот милијардер Лоренс Строл, чиј син Ленс исто така вози за Астон Мартин, инвестираше многу во тимот, градејќи нова фабрика и ангажирајќи персонал од ривалските компании.

„Го познавам и му се восхитувам на Фернандо долги години и секогаш беше јасно дека тој е посветен победник како мене“, изјави Строл.

„Започнав да ги соберам најдобрите луѓе и да ги развијам вистинските ресурси и организација за да успеам во овој високо конкурентен спорт, а тие планови сега се оформуваат во Силверстоун. Затоа се чинеше природно да го повикам Фернандо да биде дел од развојот на победнички тим“, нагласи Строл.

Директорот на тимот Мајк Крак рече дека целиот тим е возбуден што работи со Алонсо, кој ги освои своите титули со Рено во 2005 и 2006 година.

„Уверени сме дека ќе ги инспирира сите да го подигнат своето ниво. На пат сме да создадеме победничка организација и јасно е дека Фернандо ќе го забрза нашиот напредок“, рече Крак.

Алонсо во петокот го прослави својот 41 роденден и моментално е десетти во светскиот шампионат по 13 од 22 трки. Шпанецот досега учествуваше на 346 трки во светскиот шампионат во Формула 1, постигна 32 победи, а на едно од скалите на подиумот се искачи 98 пати.

Тој беше двократен светски шампион (2005, 2006) со Рено, а возеше и за Мекларен, Ферари и Минарди. Тој победи на 24 часа Ле Ман двапати со Тојота (2018, 2019), а исто така победи на 24 часа Дејтона со Вејн Тејлор Рејсинг во 2019 година.