Ферари повторно на пол-позиција: Леклер пред Хамилтон и Верстапен

Ферари успеа да ја изненади конкуренцијата на денешните квалификации за ГН на Азербејџан, на патеката во Баку.

Шарл Леклер успеа да биде најбрз по тесните улични во Баку, пред второпласираниот Луис Хамилтон и лидерот во првенството, Макс Верстапен.

Квалификациите завршија со црвено знаме, нешто слично како и во Монако, овој пат поради сериозните оштетувања на болидите кај Јуки Цунода и Карлос Саинц, кои имаа контакт со заштитните огради во последниот обид да дојдат до што побрз круг и позиција за утрешната трка.

Но како и да е, слично како во Монако, Шарл Леклер доаѓа до нова пол-позиција. Моначанецот поради дефект на автомобилот не стартуваше во Монако, но овој пат ќе стартува од челната позиција, со голема шанса за победа на утрешната трка.

Како што рековме, во првиот ред до него ќе стартува Луис Хамилтон, додека од вториот ќе стартуваат Макс Верстапен и Пјер Гасли. Во топ10 за утрешната трка влегоа Карлос Саинц, Норис, Перез, Цунода, Алонсо и Ботас.