Федерер им се заканува на Надал и Ѓоковиќ: Одамна не сум бил вака подготвен

На неколку дена пред почетокот на УС Опен, најдобриот тенисер на сите времиња Роџер Федерер меѓу редови им се закани на своите ривали.

Швајцарецот не ја освоил титулата во Њујорк од 2008 година, но повторно е еден од главните кандидати за неа. За време на подготовките за последниот Гренд слем во сезоната одигра само два меча и не се прослави на американската турнеја, но тоа не му пречи да пука од оптимизам.

„Овде никогаш не ми било лесно. Пред две години имав проблеми со грбот, се мачев во пет сета, а лани беше многу топло и се намачив со Милман. Но, пред два дена зборував и заклучив дека одамна не сум се чувствувал вака добро пред УС Опен што ми влева самодоверба“, изјави Федерер.

Титулата во Њујорк ја брани Новак Ѓоковиќ кој сезонава веќе освои два Гренд слем трофеја – во Мелбурн и Вимблдон.