Фати го продолжи договорот со Барса, 17-годишниот играч има астрономска клаузула

Младиот Ансу Фати денеска ги израдува навивачите на Барселона откако одлучи да потпише нов договор.

Со новиот договор Фати останува на „Камп Ноу“ до 2022. година, а откупната клаузула ќе изнесува 170 милиони евра, што е за 70 милиони евра повеќе од претходниот пат.

Интересно, откупната клаузула ќе нарасне дури на 400 милиони евра кога фудбалерот ќе стане полнолетен и ќе потпише професионален договор како член на првиот тим.

Иако има само 17 години, Фати оваа сезона ужива голема доверба кај тренерот Ернесто Валверде кој му даде шанса за игра дури во 11 наврати. Младото момче му се одолжи постигнувајќи два гола и една асистенција.

Многумина го сметаат за идна голема ѕвезда на Барса, а сигурно е најголемиот талент кој во последно време излегол од младинските категории на каталонскиот гигант.