Ф1: Откажаниот кинески ГП нема да биде заменет

Големата награда на Кина во Формула 1, која беше откажана во декември поради ограничувањата за Ковид-19, нема да биде заменета, објави промоторот на светскиот шампионат во Ф1.

Формула 1 календарот оваа сезона ќе брои 23 трки, наместо планираните 24.

„Другите датуми на трки остануваат исти“, се вели во кратката изјава на промоторот на Ф1.

Големата награда на Кина требаше да се одржи на 16 април во Шангај, но беше откажана поради „тековните тешкотии предизвикани од ситуацијата со КОВИД-19“ во земјата, каде што ограничувањата беа драстични до крајот на годината.

Ф1 ги проучуваше „алтернативните опции“ за да го замени настанот и да го задржи календарот од 24 трки.

Истовремено, според специјализираниот печат, Кина изразила желба да се врати во календарот за 2023 година, по наглото и радикално опуштање на здравствените ограничувања во Кина.