Европскиот шампион повторно на колена пред Партизан

Кошаркарите на Партизан ја потврдија фантастичната форма и вечерва, по вторпат оваа сезона, го совладаа актуелниот европски шампион Анадолу Ефес, сега како гостин.

Во Истанбул, „црно-белите“ триумфираа со 97-84 и драстично си ги зголемија шансите за пласман во плејофот бидејќи, меѓу другото, совладаа директен ривал за место во топ-8. Разликата меѓу Партизан и Ефес сега изнесува две победи, а до крајот на основниот дел од сезоната остануваат уште пет кола.

И овој натпревар го одбележаа пресвртите, а Партизан, како и против Звезда пред три дена, повторно покажа карактер. Ефес отвори со 10-2, водеше со 23-6, а на крајот од првата четвртина беше 23-11. Партизан жестоко одговори во вториот квартал, не само што ја достигна високата негатива, туку на голем одмор замина со предност од 39-37. Во третата четвртина гостите имаа и 44-37, но повторно Ефес направи пресврт и дојде до 64-63 по 30 минути игра.

Натпреварот беше решен благодарение на серијата од 16-0 кон средината на последната четвртина по која Партизан поведе со 87-72 што за Ефес беше недостижно до крајот на натпреварот.

Сепак, и покрај победата, пред Партизан останува уште многу работа иако позитивно е тоа што четири од последните пет кола игра на домашен терен. Во Белград треба да гостуваат првопласираните три екипи на табелата Олимпијакос, Барселона, па Реал, потоа следува гостување кај Монако и меч против отпишаниот Панатинаикос на домашен терен. Анадолу Ефес повеќе нема право на пораз, а во последните пет кола гостува кај Алба и Фенербахче, а ги пречекува Милано, Виртус и Монако.