Македонскиот пливач на отворени води Евгениј Поп Ацев нема да плива на Европското првенство што се одржува во Глазгов. Тој требаше да плива утре на трката од 10 километри, а на 12.август (недела) на трката на 25 километри.
Неговиот брат Дарко на својот фејсбук профил даде објаснување за „изостанувањето“ на Евгениј од трките.Дарко Поп Ацев ја обвинува Пливачката федерација на Македонија (ПМФ) преку претседателот Александар Маленко и селекторот за маратонско пливање Томи Стефановски дека намерно не го пријавиле Евгениј за настап на ЕП.
– До вчера секој ден повеќе од еден месец беше избегнуван од горе наведените за неговиот настап. Пријавен си, чекаме карта, сместување се бара,… Кога стана јасно дека не е пријавен Маленко се дрзна да лаже дека Евгениј нема норма, некоја си норма поставена од Европската федерација (единствено што Европската федерација лимитира е бројот на натпреварувачи во дисциплина до три), пишува Дарко.