Еурофарм Работник му се реваншираше на Бидасоа и со победа ја заврши Лигата на шампионите

Екипата на Еурофарм Работник забележа победа на домашен терен во Битола против Бидасоа Ирун од 25:23.

Со тоа, македонскиот вицешампион со победа се простува од својот дебитантски настап во Лигата на шампионите, а воедно и да му се реваншира на шпанскиот тим за поразот на првиот натпревар.

Двете екипи одиграа ефикасно прво полувреме, но првата половина од натпреварот во голем дел им припадна на гостите кои во одредени моменти имаа предност и од четири гола, но во завршницата домашните ракометари успеаја да дојдат на само еден гол негатива (14:15).

Во второто полувреме ракометарите на Еурофарм Работник се консолидираа и во нападот и во одбраната, па битолската екипа набрзо прејде во водство со 18:17, а набрзо поведе и со два гола разлика. Но, како што веќе налага традицијата за „Фармацевтите“, не можеше да помине без драматичен финиш, но за среќа, на крајот ракометарите на Еурофарм Работник славеа со конечни 25:23, доаѓајќи до својата трета победа сезонава во ЛШ.

Остроушко беше најефикасен со осум погодоци кај Еурофарм, а по него следуваа Ѓукиќ и Марковски со по четири гола. Сери беше најефикасен кај гостите, а воедно и на натпреварот со девет погодоци.