Еурофарм Пелистер имаше шест гола предност, а на крајот дојде само до реми

Екипата на Еурофарм Пелистер ремизираше на првиот домашен натпревар во Лигата на Европа сезонава, откако денеска во рамките на 3. коло одигра 25:25 против швајцарски Кадетен Шафхаузен.

Ракометарите на Жељко Бабиќ имаа водство од 16:10 на полувремето, во еден дел стигнаа и до седум гола разлика, но на крајот мораа да се задоволат со реми во вториот натпревар сезонава. Битолчани играа одлично во првиот дел, доминираа на теренот, а тоа се рефлектираше и на резултатот, иако екипата се соочуваше со добри, но и со кризни моменти.

По само 15 минути игра во првиот дел Е. Пелистер успеа да направи предност од четири гола разлика. Следуваше црн период во кој гостите дојдоа на минус еден, но следуваше убедлива серија од 6:0, при што избраниците на Бабиќ дојдоа до седум гола предност.

Второто полувреме Еурофарм Пелистер не го започна баш најдобро, а предноста почна да се топи. Кадетен Шафхаузен влезе во ритам, домаќините грешеа во нападот и тоа резултираше со само два гола разлика за Битолчани. Избраниците на Бабиќ влегоа во една панична игра, шутираа од неизградени позици, а тоа беше казнето од страна на гостите. Кадетен Шафхаузен наплати за грешките и во 52 минута успеа да дојде до израмнување, а на нешто повеќе од пет минути до крајот и да поведе за прв пат на мечот.

Еурофарм Пелистер брзо се врати во предност, но сето тоа беше залудно, бидејќи гостите успеваа да израмнат, па на крајот конечниот резултат гласеше 25:25.

Најдобар во редовите на Металург беше Мандалиниќ со 6 погодоци, а по четири постигнаа Кушан и Периќ. Кај гостите се истакна Шелкер со седум, односно Марош и Фримел со по четири гола.