Еурофарм Пелистер анулираше осум гола негатива и освои бод против Шафхаузен

Екипата на Еурофарм Пелистер дојде до храбро реми и голем бод на гостувањето кај Кадетен Шафхаузен во рамките на Европската ЕХФ лига.

„Фармацевтите“ и покрај големата негатива, одиграа храбро и на крајот дојдоа до 28:28 со голот на Периќ во последната секунда од натпреварот. Иако во еден момент делуваше дека битолчани ќе доживеат дебакл во Швајцарија, сепак избраниците на Бабиќ успеаја да се вратат во натпреварот иако во еден момент имаа негатива од дури осум голови, па на крајот си заминуваат непоразени.

Еурофарм Пелистер лошо го стартуваше мечот, а домаќините направија брза серија и поведоа со 5:0 на самиот почеток. Првиот гол за македонскиот тим падна во деветтата минута од мечот. Во текот на првиот дел, Кадетен во три наврати имаше водство од осум гола разлика, но Еурофарм Пелистер успеа во еден момент да се консолидира и да намали на подносливи 16:11.

И во вториот дел Шафхаузен успеа да дојде до предност од осум гола, но набрзо битолчани се консолидираа и почнаа да ја топат разликата. Следуваше драматичен финиш на натпреварот во кој домаќините направија грешка и му подарија 20 секунди за напад на Еурофарм Пелистер при резултат 28:27. Периќ постигна одличен погодок од девет метри во последната секунда за конечни 28:28.

Токму Периќ беше најдобриот поединец во редовите на „Фармацевтите“ со шест погодоци, Мандалиниќ додаде пет, а Зендер со осум и Марос со седум гола беа најдобрите поединци кај домаќините.

Ова е втор натпревар за Еурофарм Пелистер во Европската лига на ЕХФ и прв освоен бод. Следниот натпревар македонскиот претставник го игра во Атина против АЕК.