Емил Павлов во битка за златен медал на Светското првенство во карате

Македонскиот каратист Емил Павлов постигна огромен успех на Светското првенство во карате кое се одржува во Дубаи.

Во категоријата до 67 килограми, Павлов забележа пет победи и ќе се бори во финалето против олимпискиот, европскиот и светскиот првак Стивен Дакоста од Франција. Со самиот пласман во финалето, Павлов го оствари најголемиот успех за македонското карате на светските првенства.

Павлов во полуфиналето славеше против Мартиал Тадиси од Унгарија 3-3, благодарение на тоа што имаше прв освоен поен.

За Павлов ова е прв настап во категоријата до 67 килограми, откако претходно беше трикратен европски шампион во категоријата до 60 килограми.

Финалниот дуел меѓу Павлов и Дакоста ќе се одржи в сабота.