Екстра засилениот Вардар во обид да го детронизира Џио Струмица

Две екипи се издвојуваат според квалитетот, другите ќе се обидат да парираат и да одат што повисоко на табелата, се враќа поранешниот шампион Шкендија, а го нема ланскиот финалист Шутова, којашто реши да не се натпреварува во Првата машка одбојкарска лига. Девет екипи ќе учествуваат во трката во претстојната сезона, а Вардар и Џио Струмица го носат фаворитскиот епитет. Скопскиот тим се засили со одбојкари од најголемиот ривал, така што со нивниот ангажман оствари двоен ефект.

Македонските репрезентативци Васе Михаилов, Филип Маџунков и Стојан Илиев ќе го носат црвено-црниот дрес, во него ќе биде и поранешниот репрезентативец Јовица Симовски, а покрај нив, скопската екипа обезбеди и техничар од Јапонија и либеро од Србија. По заминувањето на Михаилов и на Илиев, Џио Струмица мораше да реагира и да ја пополнува позицијата примач, па нејзин нов член е поранешниот одбојкар на Шутова Србинот Игор Суботиќ. Другиот дел од тимот е составен од проверени домашни одбојкари, така што нема дилеми дека во директните дуели на актуелниот првак и на Вардар ќе се бара најдобрата екипа кај нас во натпреварувачката 2019/2020.

Универзитет во Тетово лани играше во финалето, а со оглед на искусниот состав, би требало да се очекува дека ќе биде веднаш зад фаворитите. Со Дејан Симовски како коректор, со репрезентативецот Дарко Ангеловски и највозрасниот играч во лигата Преград Ѓорковски како либера, со некогашниот репрезентативец Зоран Ѓорѓески на среден блокер, тетовци би требало да бидат најблиску до третото место на табелата.

Тука е и Весна Пробиштип, тим којшто стандардно е во горниот дел од табелата. Минатата сезона зелено-црните завршија петти и не се пласираа во разигрувањето, но сега треба да се очекува да бидат кандидати за место во водечкиот квартет. Шампионатот ќе почне токму со утрешниот натпревар Весна Пробиштип – Универзитет во Тетово како прв показател во поредокот зад големите фаворити.

На сите други екипи е да ја надградуваат својата игра и да се обидат да освојуваат што повеќе поени сетови и бодови, а со тоа да се обидат да играат во елитниот натпреварувачки сегмент напролет.