Екс ракометарката на Вардар влезе во „Клубот 1000“

Седум гола во убедливата победа на Ференцварош на гостувањето во Лубин, беа сосема доволни Андреа Лекиќ да го скрши „плафонот“ на европскиот клупски ракомет и да го внесе своето име меѓу членовите на престижниот „Клуб 1.000“.

Србинката заедно со Грета Мартон беше најефикасна во победничкиот тим за кој уште една екс вардарка, Драгана Цвијиќ постигна четири гола.

Тоа го искачи унгарскиот тим во групата на екипи со 7 бода и скор 3-1-4 во борба за пласман во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Што е уште поважно, Андреа стигна до илјада и еден гол во Лигата на шампионите бранејќи ги боите на словенечки Крим, унгарскиот Ѓер, македонскиот Вардар, романскиот ЧСМ, повторно Крим и, конечно, Ференцварош.