Вардар е осми фаворит според ЕХФ во ЛШ

Во пресрет на почетокот од сезоната во Лигата на шампионите ЕХФ го презентираше рангирањето на клубовите учесници според квалитетот, очекувањата и засилувањата во преодниот рок и во каква форма е нивната екипа во оваа рана фаза од сезоната.

Се уште актуелниот европски првак, Вардар е меѓу десетте фаворити во ова рангирање. „Црвено-црните“ се наоѓаат на осмото место. Од ЕХФ ги препознаваат темелните промени кои се случија во клубот и затоа велат, тренерот Алушовски го чека голема работа.

„Десет играчи го напуштија Вардар ова лето, а девет пристигнаа, што значи, Стевче Алушовски ќе мора повторно од почеток. Доаѓањето на Марко Вујин и Борко Ристовски ќе го донесе толку потребното искуство. Во нивното прво натпреварувачко појавување во новата сезона, шампионите од 2019 стигнаа до финалето на СЕХА-лигата’“, пишуваат од ЕХФ.

Од ЕХФ сметаат дека во моментов најголем фаворит за титулата во Лигата на шампионите е Веспрем, а по него следуваат Барселона, Кил, ПСЖ, Кјелце, ПИК Сегед и Порто, а веднаш зад Вардар се Нант и Мешков Брест.