ЕФРЕМОВСКИ: Да го израдуваме македонскиот народ во овие тешки времиња

По дуелот со Русија во февруарските квалификации, кошаркарот на Работнички повторно е во конкуренција за настап за македонската репрезентација.

Сега поискусен и за учеството во АБА 2 лигата, Виктор Ефремовски повторно ќе ја чека својата шанса да „распали“ по противниците. Тој беше еден од 12. кои се појавија на денешната прозивка, а ако нема проблеми со ковид-19, можно е да го видиме во Талин.

„Периодот за адаптација и воигрување на играчите не е многу голем, затоа сметам дека треба паметно да го искористиме времето и најважно од се, да останеме здрави. Во естонската пресолнина ни претстојат два тешки натпревара на кои ќе се бориме за победа.

Лично, сакам да покажеме подобра игра од дуелите во февруарскиот циклус и во овие тешки времиња да го израдуваме македонскиот народ“, изајви Ефремовски за kos.mk.

Со 22 години тој ќе биде еден од најмладите во македонската репрезентација, заедно со неговите врсници и поранешни соиграчи од младинските селекции Ненад Димитријевиќ и Леонид Тодоровски. Помлади се само тинејџерите Лука Савиќевиќ и Андреј Митревски.