Актуелниот европски шампион Анадолу Ефес ќе мора во последните пет кола да бара спас за турбулентната сезона и пласман во плејофот од Евролигата.
Пред почетокот, Ергин Атаман беше сигурен дека неговиот тим ќе направи хет-трик во елитното натпреварување, но се соочи со големи проблеми, пред се повреди на клучните играчи и тоа се одрази на резултатите. Синоќа Ефес доживеа пораз на домашен терен од Партизан, но се уште има шанси за пласман во плејофот бидејќи во последните пет кола има релативно лесен распоред и три меча на домашен терен.
Сепак, многу позагрижувачка е ситуацијата во екипата бидејќи неколку пати во текот на сезоната Атаман јавно ги критикуваше своите кошаркари, а по синоќешниот пораз, против него застана една од двете ѕвезди во тимот Шејн Ларкин. По низата критики на социјалните мрежи, тој одговори со напад кон тренерот, но и кон навивачите.
„Најважен натпревар во сезоната, а јас играм само 22 минути и во последните три минути сум на клупа. Затоа замолчи“, му порача Ларкин на еден од навивачите на Твитер и потоа продолжи: „Еден од моите соиграчи има плус-минус -19, а играше 38 минути. Дајте ми шанса да ја поправам својата статистика, големите натпревари бараат големи играчи“, додаде турскиот репрезентативец.
Тој го заврши натпреварот со девет поени, а најверојатно мислеше на Клајбурн кој во завршната статистика имаше плус-минус -18, но постигна 22 поена. Во оваа статистичка категорија, Ларкин имаше -13, а најлош беше Амат Мбаје со -25. Најдобар, пак, беше Синглтон со +12.