Еден Србин замина, дојде друг – македонската одбојкарска селекција доби нов селектор

Почнува нова ера, Ратко Павличевиќ е нов селектор на македонската машка одбојкарска репрезентација

Македонските одбојкари отвораат ново поглавје во настапите на три фронта, сега со Ратко Павличевиќ на селекторската позција. Српскиот стратег ќе го преземе кормилото на црвено-жолтите пред новиот обид конечно да се освои Европската сребрена лига, а потоа преку учеството на Медитеранските игри, турнирот „Чајка“ и пријателските натпревари, да се одреди новиот изглед на тимот чијашто задача е да се одржи, а по можност и да се унапреди пред Европското првенство во 2023-та на коешто ние ќе бидеме коорганизатори.

Павличевиќ, кој во 2018-тата кратко беше во стручниот штаб на македонската репрезентација, ќе прозива утре во Маврово, а според очекувањата, неговиот избор е на истите одбојкари коишто играа на последните два континентални шампионата во Словенија и во Финска, со напомена дека на списокот од 24 репрезентативци се и неколкумина млади и перспективни играчи.

Ѓорѓи Ѓорѓиев, Филип Деспотовски, Ефтим Ричлиев и Давид Стојанов се техничари, Никола Ѓорѓиев, Стојче Арсов и Стефан Алексов коректори, оссумина одбојкари конкурираат за позицијата примач: Владо Милев, Александар Љафтов, Стојан Илиев, Лука Костиќ, Васе Михаилов и новаците Блертон Бафтијари од Шкендија, Ангел Бошков од Универзитет во Тетово и Оливер Куновски од Борец. Стандардните Филип Маџунков, Ристо Николов, Филип Савовски, Славе Наков и Филип Лепидовски се блокери, а шанса ќе има и за Михајло Мирасчиев од Штип УГД и за Христијан Андоновски од Борец. Дарко Ангеловски и Костадин Ричлиев ќе играат либера.

Павличевиќ во тренерската кариера работеше во четири земји: во машкиот и во женскиот тим на Црвена звезда, во Ал Хилал во Саудиска Арабија, во Пафос и во Фоњикас во Грција, како и во Амрисвил и во Шеноа во Швајцарија, а како активен одбојкар беше репрезентативец на Југославија по распадот на СФРЈ.

Неговиот прв селектороски предизвик се нарекува Европска сребрена лига 2022 во којашто годинава Македонија е во група со Босна и Херцеговина, со Албанија и со Романија.

Првите две селекции ќе обезбедат пласман на завршниот турнир во Будимпешта, а уште отсега е јасно дека таму ќе сервираат Унгарија и Финска како единствени селекции во другата група по откажувањето на Азербејџан.

Во седмиот настап во ова натпреварување, македонската репрезентација ќе игра за првото злато, по четирите сребрени медали и едно трето и едно четврто место. Потоа, на крајот на јуни и на почетокот на јули, со изменет кадар, Македонија ќе се тестира на Медитеранските игри во Алжир и ќе ја продолжи традицијата на турнирот „Чајка“.