Дресовите на Меси од СП 2022 ќе се продаваат на аукција и би можеле да достигнат над 10 милиони долари

Аукциската куќа „Сотби“ ќе понуди на аукција шест дреса што ги носеше Лионел Меси за време на триумфалната серија на Аргентина на минатогодишното Светско првенство (СП) во фудбал во Катар. Проценките се дека тие би можеле да станат највредната колекција на спортски сувенири, и да достигнат повеќе од 10 милиони долари.

Аукциската куќа соопшти дека на продажба во Њујорк во периодот од 30 ноември до 14 декември ќе стави.шест од седумте дреса што во првото полувреме од мечевите ги носеше Меси, вклучувајќи го и оној во финалето, против Франција.
Аргентина во Катар го освои третото СП победувајќи ја Франција во пенал рулетот. Меси постигна два гола.

Моментално рекордер кога станува збор за спортски сувенири носени на натпревар е дресот на Мајкл Џордан од Чикаго булс од НБА финалето во 1998 година. Тој беше продаден за 10,1 милиони долари во Њујорк во септември 2022 година.

Кај фудбалот највреден сувенир е дресот што го носеше Диего Марадона во контроверзната победа на Аргентина над Англија, 2-1, во четвртфиналето на СП 1986 година. Тогаш Марадона постигна еден гол со рака, гол за кој рече дека заслуги имала и „раката на Бога“ Тој дрес беше продаден за 9,3 милиони долари во Лондон во мај 2022 година.

Дел од приходите од аукцијата ќе бидат донирани во Фондацијата „Лео Меси“, за потребите на децата кои страдаат од ретки болести.

Меси (36), кој моментално игра за Интер Мајами во САД, мина 17 години во Барселона, освојувајќи ја шпанската Ла лига во неколку наврати и Лигата на шампиони четирипати. Тој ја освои „Златната топка“ рекордни осум пати.