Драмата во Скопје заврши со реми, Вардар и Кјелце ги поделија бодовите

Европскиот шампион Вардар ремизираше со екипата на Кјелце во рамките на седмото коло од групната фаза во Лигата на шампионите. Нашиот ракометен великан одигра 28:28 против полскиот првак во „Јане Сандански“ и покрај тоа што на полувремето имаше предност, а во првата половина од вториот дел имаше и четири гола позитива.

Вардарци испуштија солидна предност која ја стекнаа во второто полувреме, но Кјелце направи целосен пресврт и по предноста на Вардар одговори со голгетерска серија, по што Полјаците се најдоа во ситуацијата на Вардар и на десетина минути до крајот на мечот, кога Кјелце во еден момент водеше и со три гола разлика (22:25). За среќа, тоа кратко траеше, по што се влезе во неизвесна завршница и се играше гол за гол, а на крајот, можеби и заслужено, двете екипи освоија по еден бод со конечни 28:28.

Светла точка во овој натпревар беше и голманот Гедбан кој имаше неколку одлични интервенции и бранеше како никогаш досега сезонава, што беше и можеби главен проблем на Вардарци. Со неговата интервенција, најпрво во ситуација еден на еден, а потоа и одбранетиот седмерец во моментите кога Кјелце ја презеде предноста на натпреварот. Тоа се покажа како клучно за Вардар да може да се врати во натпреварот, па благодарение на головите на Скубе и Чупиќ, Вардар се врати резултатски.

На четири минути до крајот резултатот беше израмнет (26:26), кога Скубе го проигра Пелко кој реализираше успешно за водство на Вардар. Во последните две минути Вардар имаше водство од 28:27, Кулеш успеа да израмни на 28:28, но Вардар направи грешка во напад и Кјелце доби шанса за нов погодок. Сепак, тука на сцена стапи Гедбан кој со нова одбрана му отвори шанса на Вардар да дојде до победа.

На само 12 секунди до крајот, Скубе тргна да го решава натпреварот, но неговиот удар не беше доволно силен, по што голманот на гостите интервенираше и освои бод за својот тим на гостувањето во Скопје.

Гедбан го заврши натпреварот со 10 голмански интервенции, Скубе се истакна со седум постигнати гола, Чупиќ постигна шест, а Стоилов четири. Кај гостите Јанц заврши со седум гола, Фернандез Перес имаше шест од шест, а Душебаев заврши со пет погодоци.