Драма на отворањето од сезоната: Хамилтон во финишот му ја украде победата на Ферстапен

Новата сезона во Формула 1 започна со спектакл. Со години наназад гледавме еднолични и досадни трки каде однапред беше познат победникот, но ако се суди според почетокот на новата, 72-ра сезона во најбрзиот циркус на планетата, изгледа дека оваа година ќе гледаме нешто повеќе возбудувања.

На крајот можеби ништо не е променето, бидејќи Британецот на крајот славеше на Големата награда на Бахреин, но мораше да се помачи за победата, со цел да го совлада Макс Ферстапен. Возачот на Мерцедес прв мина низ целта, а младиот ас на Ред Бул заостана само седум и пол десетинки зад него.

Ферстапен во квалификациите успеа да ја освои и пол позицијата, во воведниот дел од трката на патеката „Шакир“ имаше предност, подоцна Хамилтон го претекна, за вистинска драма да следува во завршните десетина кругови. Макс влезе во потера и на четири круга пред крајот го помина актуелниот шампион. За одговор на Хамилтон не се чекаше, бидејќи само 15 секунди подоцна успеа да се врати на чело на колоната и да ја задржи водечката позиција.

На тој начин Луис Хамилтон со победа тргна во напад на осмата светска шампионска титула, петта во низа. Во Бахреин славеше по 96-ти пат во кариерата.

Зад Ферстапен, на „Шакир“ за бодови се изборија и Ботас, Норис, Перез, Леклерк, Рикиардо, Сајнц, Цунода и Строл.

Следната трка во сезоната се вози на 18. април на патеката во Имола, Италија.