На натпреварот Канада – Перу што се играше во Канзас сити, на 38 Целзиусови, температурата беше превисока за помошникот судија Умберто Пањо, од Гватемала. Тој колабираше поради жештините непосредно пред крајот на првото полувреме.
Максим Крепо, голманот на Канада, веднаш притрча до него и му укажа прва помош, а набрзо пристигна и лекарската служба. Пањо бил пренесен во болница, а сите тестови покажале дека, за среќа, минал без последици, односно колабирал од жештините и наскоро ќе биде пуштен од болница.
Пањо беше заменет со четвртиот судија, а Канада го доби натпреварот со 1:0. Тоа беше прва победа на Канаѓаните над селекција од Јужна Америка по 24 години и прва на четири меча под водство на новиот селектор, Џеси Марш.