Документарниот филм „Леле, луѓе, што направивме, радувај се Македонијо!“, достапен и на Youtube

Документарниот филм „Леле, луѓе, што направивме, радувај се Македонијо!“, во чест на македонската кошаркарска репрезентација која го освои четвртото место на Еуробаскетот во Литванија 2011 година, сега можете да го погледнете и на Youtube каналот на порталот КОШ.МК.

Во реализација на филмот учествуваа порталот КОШ.МК и маркетинг агенцијата Три Стар, во соработка со КФСМ, Олимпискиот комитет, Агенцијата за млади и спорт и неколку комерцијални спонзори.

Филмот е сведоштво на дел од она што се случуваше пред, за време и по Еуробаскетот пред нешто повеќе од една деценија, на кој Македонија ја шокира Европа и стигна до полуфиналето што се уште е најголем успех на еден наш национален тим во сениорска конкуренција. Снимањето на документарниот филм е по повод десетгодишнината од тој успех.

Се снимаше во периодот од јули до септември 2021 година, а во него учествуваат 10 кошаркари од македонската репрезентација, четири члена на стручниот штаб, членовите на тогашното највисоко раководство на КФСМ, тројца новинари од кои двајца македонски и еден српски, двајца навивачи, селектор на противничка репрезентација и директорот на АМС.