Докторите го советуваат Мајк Тајсон да се откаже од борбата

Мајк Тајсон и Рој Џонс на 12 септември ќе се најдат во рингот и ќе се пресметаат во меч кој ќе има хуманитарен карактер, но докторите сметаат дека тоа не е паметно.

54-годишниот Тајсон сите ги воодушеви со неговите објави од тренинзите и неверојатната подготвеност и експлозивност која ја има во тие години, а во добра форма е и три години помладиот ривал.

Сепак, „Индепендент“ пишува дека на некогашните шампиони во тешка категорија им е советувано да се откажат од борбата и покрај тоа што организаторот воведе правило дека нема нокаут и дека мечот ќе биде прекинат при првата исеченица.

„Кога остаруваме стануваме поранливи и на нашиот мозок му е потребно многу повеќе време да се опорави од повредите“, вели еден доктор кој порачал дека станува збор за опасна идеја која борците може да ги остави со сериозни повреди, па дури и да ги умртви.

Сепак, љубителите на боксот и фановите на Тајсон сакаат да го видат уште еднаш во рингот без оглед на тоа што ќе биде далеку поинаква сликата од времиња кога Мајк доминираше во боксерскиот ринг.